Северна Македонија

Title

ПРОДОЛЖУВА РЕГИОНАЛНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА MICROBALKANS 2026 - LENDING REIMAGINED – ОД РЕГУЛАТИВА И ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ ДО ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА И РЕГИОНАЛНА

25.09.2026


Со фокус на иднината на финансиските услуги, дигитализацијата, новите регулаторни барања и регионалната соработка, во Скопје заврши MicroBalkans 26 – регионална конференција посветена на развојот на небанкарскиот финансиски сектор и неговата улога во економиите на Западен Балкан, која се реализира во партнерство со македонскиот конзорциум на Европската мрежа на претприемништво – ЕЕНОМА и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДИГИТМАК.

Завршниот дел од конференцијата, под наслов „Регулатива, доверба и патот напред“, ги обедини претставниците на регулаторните институции, финансискиот сектор, бизнис-заедницата, технолошкиот и иновацискиот сектор, со цел да се отворат прашањата за иднината на кредитирањето, дигиталната трансформација и условите за развој на финансиските услуги во регионот. Во фокусот беа регулаторните промени, дигитализацијата, вештачката интелигенција, дигиталниот идентитет, финансиската инклузија, регионалната соработка и потребата од создавање поефикасен и подостапен финансиски екосистем.
Панелот „Градење на финансиската рамка: политички дијалог“ ја отвори дискусијата за идната улога на небанкарските кредитори во финансиската стабилност и финансиската инклузија.Претставниците на регулаторните институции од регионот дискутираа за визијата за здрав и одржлив небанкарски финансиски сектор до 2030 година, при што особено внимание беше посветено на потребата од воспоставување баланс меѓу поттикнувањето на иновациите и заштитата на потрошувачите.

Како значајни теми беа издвоени и прекуграничното кредитирање, надзорот во услови на различни национални регулаторни рамки, како и потребата од поголем дијалог меѓу регулаторите и индустријата. Една од важните пораки од панелот е дека регулаторната рамка треба да создава предвидливо и стабилно опкружување во кое финансиските институции ќе можат да иновираат, но истовремено ќе бидат обезбедени транспарентноста и заштитата на корисниците.

Особено значајна за домашната бизнис-заедница беше сесијата „Дигитална Македонија и иднината на финансиските услуги“, посветена на дигиталната агенда на Северна Македонија, каде се дискутираше за предизвиците и можностите што ги носи дигиталната трансформација, премостувањето на јазот меѓу националните стратегии за е-влада и реалните потреби на бизнисот, како и за новите можности за компаниите, финтек-секторот и небанкарските финансиски друштва.

На панелот учествуваа м-р Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, проф. д-р Петре Ламески, координатор на ДигитМАК, Едмира Хани, раководител на Секторот за претприемништво и меѓународна соработка во ИНОВА, и проф. д-р Димитар Трајанов, координатор на Фабриката за вештачка интелигенција „Везилка“.

microbalkans

Клучни пораки од панелот

•    Дигиталната трансформација е процес, а не еднократна инвестиција. Компаниите и институциите треба постепено да ги препознаваат слабостите во своите процеси и преку дигитализација да создаваат поефикасни модели на работа. Колку побрзо се прифатат новите технологии, толку побрзо можат да се почувствуваат придобивките од дигиталната трансформација.
•    Државата создава дигитална инфраструктура, а компаниите треба да ја искористат. Министерот за дигитална трансформација м-р Стефан Андоновски ги истакна активностите за спроведување на Стратегијата за дигитална трансформација и создавање институционална дигитална структура која ќе овозможи побрз и поефикасен пристап до јавните услуги. Во овој процес, Европските дигитални иновациски хабови имаат важна улога во пренесувањето на поддршката кон малите и средните претпријатија.
•    Се нуди практичен патоказ за компаниите. Како што истакна проф. д-р Петре Ламески, целта на дигиталната трансформација е преку проценка на состојбата да се идентификуваат слабостите и можностите за подобрување, а потоа преку дигитализација на процесите и примена на напредни технологии да се достигне повисоко ниво на дигитална зрелост, вклучително и интегрирана примена на вештачката интелигенција.
•    Дигиталната подготвеност треба да се поврзе со пристапот до финансии. Едмира Хани од ИНОВА ја истакна важноста на проценката на дигиталната подготвеност и изработката на патокази за дигитална трансформација како основа за насочување на идните мерки и инструменти за поддршка на компаниите, вклучително и преку механизмот Green Business Facility.
•    Недостигот на дигитални вештини останува значаен предизвик. Проф. д-р Димитар Трајанов посочи на т.н. „дигитален парадокс“ – иако Северна Македонија има развиен ИКТ-сектор, нивото на дигитални вештини и вкупната дигитализација сè уште заостануваат зад просекот на ЕУ. Во надминувањето на овој јаз значајна улога имаат иницијативи како ДигитМАК, АИ фабриката „Везилка“ и EuroCC Centar.
•    Вештачката интелигенција треба да се користи одговорно и стратешки. Панелот ја нагласи потребата од развој на сопствени капацитети за вештачка интелигенција и дигитална инфраструктура, но и од примена на соодветни правила и стандарди за безбедност и заштита на податоците.

Преку ЕЕН, компаниите добиваат пристап до информации, советодавна поддршка, партнерства и можности за интернационализација, како и поврзување со компании и организации од европскиот пазар. Поврзувањето на услугите на ЕЕН со иницијативите за дигитална трансформација создава дополнителна можност домашните компании не само да ги унапредат своите процеси и технологии, туку и да најдат нови партнери, пазари и можности за развој.

Пораката од панелот е дека дигиталната трансформација не треба да се гледа само како технолошка промена, туку како инструмент за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и пристапот на македонските компании до европските пазари и финансиски можности.

Од дискусиите во завршниот дел на конференцијата се издвојуваат неколку клучни пораки:

•    Дигитализацијата и финансиските услуги се сè повеќе неразделно поврзани.
•    Регулативата и иновациите треба да се развиваат паралелно, со соодветна заштита на корисниците.
•    Вештачката интелигенција, дигиталниот идентитет и електронските потписи ќе имаат сè поголемо влијание врз финансиските услуги.
•    Регионалната соработка може да помогне во споделување на знаења, технологии и практични решенија.
•    Човечкиот капитал и новите дигитални вештини остануваат клучен предуслов за трансформација на секторот.
•    Потребно е преминување од дијалог кон конкретни активности и партнерства.

EENOMAСтопанската комора како платформа за поврзување на бизнисот, институциите и иновациите

MicroBalkans 26 покажа дека иднината на финансиските услуги во Западен Балкан ќе биде определена од повеќе фактори – регулативата, дигитализацијата, пристапот до финансии, иновациите, финансиската инклузија и човечкиот капитал.

MicroBalkans 26 испрати порака дека следната фаза на развојот на финансискиот сектор не е само прашање на воведување нови технологии, туку на градење доверлив, иновативен и достапен финансиски екосистем способен да одговори на потребите на компаниите и граѓаните во регионот.



Copyright © 2024 Сите права се задржани од EEN Северна Македонија

Оваа веб страница користи колачиња (cookies) со цел да се подобри функционалноста.

Политика за користење на колачиња (cookies)

Се согласувам Не се согласувам