Северна Македонија

Title

Одржан Македонско – српски бизнис форум во Скопје, 3 декември 2025, Скопје

03.12.2025


Бизнис заедницата од Македонија и Србија бара изградба на стратешки инфраструктурни проекти за железничко и гасоводно поврзување, борба против корупцијата, директна поддршка за зголемен извоз, предвидливост и стабилност за работа, како и намалување на административните бариери во меѓусебната трговија. Овие беа пораките кои беа упатени денеска на Македонско–српскиот бизнис форум што се одржа во Скопје, на кој присуствуваа владини претставници и стопанственици од двете земји. 

Претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески, во своето обраќање на форумот испрати неколку пораки до бизнис секторот и политичките елити, за кои, рече, треба да направат повеќе во делот на имплементацијата.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, во своето обраќање на форумот потенцира дека владите на двете држави направиле многу, но дека е потребна натамошна поддршка за реализација на стратешките инфраструктурни проекти. Тој ги повика и македонските компании на заеднички настап на трети пазари. – Во Белград во тек е голема конференција за безбедност Африка - Србија, разговараме со повеќе од 40 африкански делегации, направивме ентитет што ќе се занимава само со влезот на овој пазар. Мали сме за тоа, ни требаат вашите фирми, да настапиме заедно на тие пазари и ова е отворена понуда, рече Чадеж.

Потенцираше дека инвестициите на Србија во нашата држава достигнале 1,5 милијарди евра, при што во изминатите месеци успешно се завршени две големи инвестиции, на „Вега“ која инвестираше во „Феникс Фарма“ и на Алта банка во Стопанска банка Битола. На листата на српските инвеститори се и „М ТЕЛ“, „Ананас“, „Комтрејд“, „Нектар“, „И млек“, „Свислајон“ ... 

Повеќе од 450 учесници, беа присутни на Бизнис форумот Македонија-Србија што се одржа во Скопје, во присуство на околу 250 компании, претставници на владите на двете земји, институции и деловни здруженија. 
Во рамки на форумот беа одржани околу 150 билатерални средби на бизнисмени, кои меѓусебно разговараа во насока на подобрување на постојните и дефинирање нови можности на соработка.

Бизнис форумот го поздравија и вицепремиерот на Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ и Адријана Месаровиќ, вицепремиерка на Србија и министерка за економија.



Copyright © 2024 Сите права се задржани од EEN Северна Македонија

Оваа веб страница користи колачиња (cookies) со цел да се подобри функционалноста.

Политика за користење на колачиња (cookies)

Се согласувам Не се согласувам